Писателот, поет и професор Владимир Мартиновски вечерва во 20 часот во Младински културен центар (МКЦ) ќе ја промовира својата нова поетска книга „101 сонет од една чудна пролет“, во издание на „Кликер“.
Мартиновски пишува поезија, проза, есеи и книжевна критика. Неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Добитник е на неколку книжевни награди, а се занимава и со музика.
Оливера Ќорвезироска во поговорот, меѓу другото, пишува:
„’101 сонет од една чудна пролет’ е несекојдневна збирка песни за песните, поезија заседната дома, во поетскиот занает. Преклопувањето на карантинот на луѓето со карантинот на поезијата е творечкото кредо на оваа збирка. Таа е претворање на врвното непоетско околу нас во врвното поетско за нас и во нас“.