Каталонија, најбогатиот регион во Шпанија со 7,5 милиони жители, вчера прогласи независност, речиси еден месец по референдумот, што за централната власт во Мадрид беше неуставен.
Индустриска и туристичка сила, Каталонија обезбедува(ше) речиси една петина од бруто домашниот производ на Шпанија, во чиј буџет уплаќаше десет милијарди евра годишно.
Но, лошите односи на релација Мадрид-Барселона не почнаа со референдумот од 1 октомври, туку тие постепено се расипуваа изминативе години.
- 28.6.2010: Уставниот суд укина неколку членови од Статутот на штета на каталонската самоуправа.
- 9.10.2014: Првиот неофицијален референдум за независност, на кој излегоа два милиона луѓе, од кои 80% гласаа „за“.
- 27.9.2015: „Заедно за да“, коалиција на сепаратистички партии, победи на регионалните избори и состави влада.
- 6.9.2017: Каталонскиот парламент донесе одлука за распишување референдум за независност, што Уставниот суд го прогласи за незаконски наредниот ден.
- 20.9.2017: Шпанската полиција уапси 14-мина политичари кои се залагаа за независност.
- 1.10.2017: Каталонија го спроведе референдумот, и покрај акциите на полицијата. Излезноста беше 43%, од кои 90% гласаа за независност.
- 10.10.2017: Претседателот Карлес Пуигдемонт најави дека Каталонија ќе прогласи независност, но дека ефективноста на декларацијата ќе биде одложена.
- 19.10.2017: Откако Пуигдемонт не го испочитува ултиматумот на Мадрид да се откаже од декларацијата, шпанската влада најави дека ќе го активира членот 155 од уставот и ќе ја преземе власта во регионот.
- 27.10.2017: Каталонија прогласи независност, а еден час подоцна, шпанскиот Сенат објави дека Мадрид ќе ја преземе контролата врз регионот, при што премиерот Рахој го распушти каталонскиот парламент и распиша избори.