„ЌЕ ИМА УТРЕ“ – 45. ИЗДАНИЕ НА МОТ СО ХИБРИДНА ПРОГРАМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со претстави во живо и со онлајн претставувања, денеска почнува 45. издание на Млад отворен театар (МОТ), во организација на Младински културен центар (МКЦ). Ќе бидат претставени 12 домашни продукции, како и театарски куќи од Словенија, Србија, Грција и Хрватска.

„Годинашното издание е формула со која се обидуваме да не го прекинеме континуитетот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот. И во минатото имало економски кризи, пандемии, војни…, но МОТ никогаш немал прекин, а ќе има и утре. Сработивме многу годинава и не сакавме да дозволиме да не се случи МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и затоа оптимистички го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре“, вели Русе Арсов, директорот на МКЦ.

Во десетте фестивалски вечери ќе има три премиери: „Универзална во пламен – трагедија во шест декади“, копродукција на МОТ и на Факултет за работи што не се учат, „Скринсејвер“, перформанс на „Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата“ и „Херои 4:33“ на велешкиот театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, во режија на Деан Дамјановски.

Цената на билетите за претставите во живо е 300 денари, а онлајн претставите се бесплатни, но исто така е неопходен билет, бидејќи бројот на гледачи е ограничен. Билетите се достапни преку bileti.mkc.mk.