ЌЕ СЕ БАРА ПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА, ПОЛИЦИСКИ ЧАС ЗА СИТЕ ОД 19 ДО 5 ЧАСОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владата и Комисијата за заразни болести ќе предложат продолжување на вонредната состојба во земјата, додека Уставниот суд ја укина посебната забрана за движење што важеше за старите лица и за малолетниците.

  • Во Македонија се потврдени уште 29 случаи на коронавирус (од направените 349 тестирања), и тоа девет во Скопје, шест во Прилеп, пет во Тетово и по два во Струга, Велес, Битола и Охрид.
  • Вкупната бројка заразени досега изнесува 1.723, при што има 393 активни случаи.
  • Седумдесетгодишен велешанец е 96. жртва на КОВИД-19 во земјата.
  • Оздравеле 1.235 лица, шест повеќе од вчера.
  • Министерот за здравство Венко Филипче извести дека утре ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, која првпат беше прогласена на 18 март, па обновена по еден месец.
  • Уставниот суд времено ја поништи владината уредба со која лицата над 67 години смееја да излегуваат само од пет до 12 часот, а малолетниците од 12 до 19 часот.
  • Од утре, полицискиот час за сите ќе важи од 19 до пет часот.