ОБЈАВЕН КОНКУРС ЗА ВТОРАТА НАГРАДА „ПЕГАЗ“ ЗА НАЈДОБАР НЕОБЈАВЕН РОМАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го распишаа вториот конкурс за книжевната награда „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман за 2020.

За наградата, велат тие, можат да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. Романите треба да бидат предложени од самите автори, кои треба да ги достават своите ракописи во електронска форма (ворд или пдф-формат) на [email protected]. Конкурсот ќе биде отворен до 15 јуни.

Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 30 септември. Доколку и некој друг ракопис биде оценет позитивно, „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ и треторангираните романи.

Лани победи романот „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук. Наградата „ПЕГАЗ“ е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува фондацијата „Славко Јаневски“.