Кина привремено евакуираше повеќе од 150.000 луѓе, со цел да ги тргне од патот на стадо слонови кои мигрираат. Властите на југозападната провинција Јунан стравуваат дека би можело да дојде до судир помеѓу локалните жители и 14-те азиски слонови, кои се во движење веќе со месеци.
Повеќе од 25.000 полицајци со возила и дронови го следат движењето на стадото.
Овие заштитени животни напуштија природен резерват во Јунан пред 17 месеци и нивното 500 километри долго патешествие низ полиња и градови стана светска вест. Попат, тие направиле штета од неколку милиони долари.
До јуни, слоновите стигнале до периферијата на главниот град на провинцијата, Кунминг, по што биле преземени напори за нивно враќање во резерватот.
„Слоновите се враќаат и со помош на електрични огради и вештачки патишта се обезбедува да се движат по точната патека“, изјави Ван Јонг, водачот на тимот кој ги следи слоновите.
Експертите и натаму не знаат зошто слоновите го напуштиле своето живеалиште и тргнале на патување. Азиските слонови се загрозен вид и во Кина ги има само уште 300.