КИНЕСКО ЛЕТАЛО ГИ СОБРАЛО ПРВИТЕ КАМЕЊА ОД МЕСЕЧИНАТА ОД 1976, ВРАЌАЊЕТО СЕ ОЧЕКУВА ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ

Пекинг, (АП)

Кинеско летало почнало да собира примероци од површината на Месечината, со цел на Земјата да бидат донесени први лунарни камења по повеќе од 40 години, што е последниот успех на амбициозната вселенска програма на Кина.

Леталото „Чанги-5“ успешно се спушти на Месечината вчера попладне, една недела откако беше лансирано од островот Хајнан.

„‘Чанги‘ собра примероци од Месечината“, објави Кинеската национална вселенска агенција.

Леталото ќе дупчи два дена во површината на Месечината, за да собере два килограма камења и остатоци. Следната фаза ќе биде неговото лансирање назад во орбитата на Месечината за да се префрлат собраните примероци во капсула, а враќањето на Земјата е предвидено во средина на месецот.

Ако сѐ помине успешно, научниците ќе ги добијат првите свежи лунарни камења по советската мисија „Луна 24“ во 1976 година. Се очекува примероците да бидат достапни и за научници од други земји. Од нив, научниците ќе се обидат да научат повеќе за Месечината, вклучувајќи ја нејзината точна старост.

Американските астронаути имаат донесено 382 килограми материјал на своите мисии од 1969 до 1972 година.