КОЛКУ ПОВЕЌЕ НИ СЕ ОДЗЕМААТ СЛОБОДИТЕ, ТОЛКУ Е ПОАКТУЕЛНА ПРЕТСТАВАТА „ЛЕТ НАД КУКАВИЧЈОТО ГНЕЗДО“, РЕЧЕ ДРАГАН БЈЕЛОГРЛИЌ ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Српскиот актер Драган Бјелогрлиќ вели дека штом влезе во улогата на Рендл Мекмарфи во претставата „Лет над кукавичјото гнездо“, потоа му е тешко да излезе од неа.

Актерите од Београдско народно позориште, кои денеска (17 август) од 21 часот ќе ја играат оваа претстава во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид во рамките на Охридско лето, изјавија дека се радуваат што се во Охрид.

„И мојот живот стана дел од тој процес кој се случува на сцената и тоа што се случува на сцената стана дел од мојот живот. Кога играте една толку силна улога толку време, во претстава која стана култна и ги продава сите билети, откако лани во цела поранешна Југославија бевме пречекани со овации, навистина не знам што да кажам. Веќе не зборувам само за нешто што е уметничко дело, туку за нешто што е дел од мојот живот. Кога ќе го облечам костумот на Мекмарфи, многу брзо станувам тој, а кога ќе го соблечам костимот, тој Мекмарфи уште долго останува во мене“, ни рече Бјелогрлиќ пред Домот на културата во Охрид.

Актерот кажа дека и во Охрид разговарале со колегите за овој феномен колку претставата влијае на нив, откако ја играле повеќе од 250 пати.

Претставата е мрачна хумористична сатира за поединецот во репресивен систем, менталните институции и за слободата на духот. Драмата е напишана во 1962 и првата изведба била во 1963 на Бродвеј, со Кирк Даглас во главната улога. Бјелогрлиќ вели дека слободата која им е одземена на главните ликови во претставата може да ја спореди со денешното живеење во Србија.

„Оваа претстава е ода на слободата. Со секое кратење на слободата во некој јавен простор во животот, претставата станува сѐ поактуелна, како она што на нас ни се случува во Србија во последниве 7-8 години. Јас реков дека Александар Вучиќ ѝ го продолжи животот на оваа претстава. Како што почна да ја одзема слободата, одеднаш ги оживеа Мекмарфи и неговите потрага и борба за слободата. Можно е и во тоа да лежи актуелноста, иако претставата е актуелна и сама по себе ако е добра и квалитетна. Да беше Србија една демокартска и слободна земја, оваа претстава ќе беше помалку актуелна и јас се плашам дека ќе биде актуелна уште некое време, ако не и поактуелна“, кажа Бјелогрлиќ.

Актерот Мима Караџиќ (Фото: СМАРТ СДК,МК)

Улогата на Чезвик ја игра познатиот актер Мима Караџиќ, кој рече дека тој во екипата е последниве две години.

„Претставата е хит над хитовите, а ние ја играме со сета сила. Кога ја игравме во Скопје во 2022, доживеавме овации, а сигурен сум дека така ќе биде и во Охрид. Во Охрид последен пат ја играв претставата ‘Мешан брак’ која подоцна стана ТВ-серија. Но, не е поентата дали публиката ме препознава, туку да ужива во претставата“, рече Караџиќ.

„Јас во оваа претстава го наследив, за жал, покојниот Милорад Мандиќ-Манда, го играм поглавицата Бродмен“, ни рече актерот Слободан Бода Нинковиќ.

Слободан Бода Нинковиќ го игра поглавицата Бродмен (Фото: СМАРТ СДК.МК)

„Ова е претстава од која тешко ќе можете да се одвоите. За жал, има доста починати од онаа основната постава. Индијанецот кој јас го играм ја решава целата работа на крајот и го претставува она што навистина се случува во Америка, дека им е одземена земјата, дека им е одземено правото на говор, што се случува во поголемиот дел од претставата“, вели Нинковиќ. Тој во претставата зборува дури на крајот и со главниот лик ја завршува приказната. Нинковиќ за првпат игра во Охрид и рече дека се надева оти ќе уживаат на сцената.

Актерката Милица Зариќ, која е во улогата на медицинската сестра Речет, рече дека не се сеќава на периодот пред да ја игра оваа претстава, зашто тоа бил некој друг живот за неа, а таа била друга личност.

М. ЏАРОВСКА