Пандемијата на коронавирусот предизвика хаос во сите сфери на животот, па така и во спортот, кој досега нема видено ваква парализа.
Од час во час се прекинуваат, одложуваат или откажуваат сѐ повеќе мечеви и врвни натпреварувања, а во некои компромисни случаи, натпревари се играат пред празни трибини.
- Серија А ќе биде во прекин до 3 април, а шпанската Ла Лига нема да се игра од 14 март до 4 април. Згора на тоа, играчите на Реал Мадрид и Јувентус се ставени во карантин.
- И англиската Премиерлига го одложи првиот натпревар, Манчестер сити-Арсенал.
- Во Лига Европа се одложени мечевите Севилја-Рома и Интер-Хетафе, но весникот „Марка“ објави дека УЕФА размислува за целосен прекин на европските клупски натпреварувања.
- НБА-лигата и кошаркарската Евролига се суспендирани на неодредено време, како и натпреварите во регионалната АБА-лига.
- Откако прво беше откажан Мастерс турнирот во Индијан Велс, тенисот ги запре сите активности на најмалку шест недели, што засега не го опфаќа Ролан Гарос.
- Откажани се сите преостанати трки од Светскиот куп во алпско скијање.
- Во Формула 1 е откажана првата трка во Австралија, а одложени се трките во Кина и Катар.