Коронавирусот пристигна и во Македонија.
Министерството за здравство попладнево го потврди првиот случај на КОВИД-19 во земјава и порача дека едно заразено лице не претставува опасност за целото население и дека лекарските служби се подготвени моментално да реагираат ако има потреба.
- Министерот Венко Филипче изјави дека е заразена 50-годишна жена од Скопје, која еден месец престојувала во Италија, била болна две недели, но таму не ѝ дијагностицирале коронавирус.
- Таа пристигнала во Македонија во три часот утрово и веднаш била тестирана на Инфективната клиника, каде што моментално е сместена во изолација.
- „Пациентката е на интензивна нега, односно во изолација од останатите болни, свесна е, ориентирана и дише слободно“, изјави д-р Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
- Филипче вечерва кажа дека во домашна изолација се ставени и останатите осум патници и возачот на комбето, со кое заразената жена допатувала од Италија. Петмина од нив се од Струмица.
- Новиот коронавирус првпат е идентификуван во кинескиот град Вухан на 31 декември и во меѓувреме се прошири во 40-ина земји.
- Според последните информации, заразени се повеќе од 81.000 луѓе, а починале 2.766, од кои 2.715 во Кина. Следуваат Иран со 19 и Италија со 12 починати.
- Стапката на смртност е 2% во епицентарот на заразата, кинеската провинција Хубеи, а на други места и помала.
- Светската здравствена организација вели дека мнозинството нови случаи сега се надвор од Кина, но и натаму не планира да прогласи пандемија.
- КОВИД-19 предизвикува пневмонија, а симптомите се кашлање, треска и проблеми со дишењето. Во тешки случаи доаѓа до откажување на органи.
- Според досегашните искуства, најризична група се возрасни лица и оние кои веќе имаат сериозни здравствени проблеми, а во 80% случаи симптомите се благи.