Државите секоја минута обезбедуваат еден милион долари субвенции за земјоделство и сточарство, што во голема мера придонесува за климатски промени и за уништување на природниот свет, се вели во нов извештај на „Food And Land Use Coalition“, глобалното здружение на економисти и научници.
Само еден процент од оваа годишна сума од 700 милијарди долари се издвојува за унапредување на животната средина, додека во исто време огромни количества штетни гасови се испуштаат преку производството, се сечат шуми и се загадува почвата со прекумерното користење вештачко ѓубриво.
„Производството на храна мора да се трансформира. Човештвото се наоѓа во голема опасност доколку не се направат реформи во ова субвенционирање, а богатите нации треба да намалат со консумирањето на месо и со штетното користење на земјиште“, се вели во извештајот.
Штетата што индустријата на храна ја прави на човечкото здравје, развојот и на животната средина изнесува 12 трилиони долари годишно, што е рамно на БДП на Кина.
Како позитивен пример е наведена Костарика, кадешто владата успеала да го спречи сечењето и да ги обнови шумите откако ги укинала субвенциите за сточарството и почнала да ги наградува фармерите кои применуваат одржливи методи на земјоделство.
Како резултат на ова, повеќе од половина од државата сега е покриена со шуми, во споредба со една четвртина во 1983 година.