Македонскиот филм „Хомо“ на режисерот Игор Иванов-Изи ќе се прикажува во САД, на телевизија и онлајн, соопшти продукцијата „Скопје филм студио“. Таа склучила договор со Јавната медиумска група на Јужна Калифорнија за дистрибуција на филмот за американскиот пазар.

„Хомо“ е трет игран филм на Иванов, а меѓународна прeмиера имаше на 16 јануари годинава на Интернационалниот филмски фестивал во Гоа, Индија. Македонската премиера беше на 24 септември 2020 на затворањето на Синедејс.

Филмот е снимен по сценарио на Иванов и Сашо Кокаланов, а продуцент е Томи Салковски од „Скопје филм студио“. Во „Хомо“ играат Александар Матовски-Цако, Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Јордан Симонов, Мајлинда Косумовиќ, Сашко Коцев, Оливер Митковски, Сергеј Димовски, Јоана Буковски, Себастијан Каваца, Јелена Јованова, Мони Дамевски, Мартин Манев и Славиша Кајевски.