КРАЈ НА „А380“ – НА „ЕРБАС“ НЕ МУ СЕ ИСПЛАТЕШЕ ОБЛОГОТ ОД 25 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Тулуз, (Ројтерс)

„А380“, суперџамбо џетот кој требаше да го револуционаризира комерцијалното летање, но не успеа да ги оправда претераните очекувања, ќе престане да се произведува по само 12 години во служба.

„Ербас“ објави дека донесол ваква несакана одлука, откако авиокомпанијата „Емирејтс“, најголемиот купувач на „А380“, ја намалила последната нарачка од 162 на 123 авиони.

„Ова е болна одлука. Инвестиравме многу напори, средства и пот во овој авион, но мора да бидеме реални и да признаеме дека веќе нема основа да го продолжиме производството“, изјави извршниот шеф на „Ербас“, Том Ендерс.

Оваа одлука би можела да погоди 3.500 работници, кои беа ангажирани во неколку земји во последните три години.

Во развојот на „А380“ биле вложени 25 милијарди долари, но облогот дека на авиокомпаниите ќе им треба авион за 853 патници не се исплатеше. Компанијата досега испорача 234 авиони, што е само четвртина од предвидените 1.200 кога почна да се произведува. Иако воздушниот сообраќај расте со рекордна брзина, плановите на „Ербас“ беа поткопани од потребата на авиокомпаниите за полесни и поекономични авиони, кои им овозможуваат директни летови на патниците. На крајот, најголемиот патнички авион на светот ќе биде и надживеан од ривалот „боинг 747“, кој минатата недела наполни 50 години.