На традиционалната новогодишна аукција на риби во Токио беше достигната втората највисока цена за туна во историјата.
Примерок тежок 276 килограми се продаде за цена од 193 милиони јени (1,8 милиони долари), а најуспешниот наддавач беше Кијоши Кимура, сопственикот на ланецот на суши ресторани „Сушизанмаи“, кој е редовен учесник (и победник) на овие аукции.
Тој лани ја купи и најскапата туна на сите времиња, тешка 278 килограми, за која наддаваше до 336,6 милиони јени (3,1 милион долари).
„Среќен сум поради победничката понуда затоа што ова е прва аукција во новата царска ера Реива. Знам дека тоа се многу пари, но сакам моите муштерии да ја пробаат најдобрата туна“, изјави популарниот „Крал на сушито“.