Владимир Путин вели дека Кремљ би требало да има водечка улога во руската рап музика и во младинската култура, а не да ги замолчува.
Тој се огласи на оваа тема откако локални власти и организатори откажаа низа концерти низ земјата и по кусото апсење на популарниот хип хоп уметник Хаски, што предизвика жестока дебата меѓу младите. Според Путин, ваквите тврди мерки се често контрапродуктивни и предложи поинаков пристап.
„Кога е нешто невозможно да се запре, треба да го преземеш во свои раце. Како и во која насока, тоа е најважното прашање“, вели Путин, додавајќи дека е потребен ангажман и од Министерството за култура.
Хаски, чии текстови се насочени и против власта, вели дека често се наоѓа под притисок да откажува концерти, бидејќи стиховите му ги сметаат за навредливи.
„Велат дека рап музиката се потпира на три столба: секс, дрога и протест. Од овие работи, дрогата е најзагрижувачка, таа води кон деградација на нацијата“, смета Путин.