Во пресрет на годишнината од смртта на познатиот фолк пејач Гоце Арнаудов, во Струмица се одржа концерт во негова чест насловен „Струмица се сеќава на Гоце“. Дваесетина фолк и поп пејачи од земјава ги пееја неговите најголеми хитови.
На сцената се појави и неговата ќерка Кристина Аранудова, која со силни емоции ја отпеа познатата балада ,,Дали да те побарам“. На крајот од настапот, таа се сврте кон банерот со ликот на татко ѝ и се поклони.
Салата на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица беше полна, а публиката во глас ги пееше песните на Гоце Арнаудов. Атмосферата кулминираше со хитот „Дали чекаш стара мајчице“, кога присутните со запалени светилки од мобилните телефони сами ја пееја, а на сцената излегоа сите пејачи.
На концертот настапија и Ленче и Горан Кукиќ, Јордан Митев, Ламбе Алабаковски, Елена Велеска, Миле Кузмановски, Александар Тарабунов, Мартинијан Кириловски, Александра Јанева, Огнен Здравковски, Јоце Панов, Јовче Пандев, Борис Димов, Бока Конга, Боби Сакс и градскиот хор „Распеани струмичани“.
На концертот беа и членовите на потесното семејство на Гоце Арнаудов, кој е роден во Струмица на 19 август 1954, а почина на 6 декември 2011. Тој зад себе има над 200 песни и стотина награди од фестивали во земјава и странство. Пет години беше прогласуван за најпопуларна личност на Македонија, а во 2000 на стадионот во Струмица одржа концерт со околу 10.000 публика.
В. ТРАЈКОВ