КУЧЕ ПРОНАШЛО И СПАСИЛО НАД 100 КОАЛИ ПО ПОЖАРИТЕ ВО АВСТРАЛИЈА

Сиднеј, (Би-Би-Си)

Петгодишно куче од расата кули помогнало да се пронајдат и спасат над 100 болни, повредени и прегладнети коали во деловите на Австралија кои беа погодени од катастрофалните пожари во почетокот на годината.

Бер е на терен од јануари, обидувајќи се да детектира коали во Нов Јужен Велс и Квинсленд, кои беа најтешко погодени од пожарите, што уништија 110.000 квадратни километри шуми и грмушки. Се проценува дека во пожарите умреле и околу 6.000 коали.

Бер е на терен од јануари (Фото: ААП)

Хиперактивниот Бер бил напуштен од својот последен сопственик во 2016 година, по што бил преземен од Универзитетот Саншајн Коуст (УСЦ), чиј посебен тим го обучил да учествува во потраги.

„Бер не можел да биде добар домашен миленик поради својата опсесивно-компулсивна природа, но тие квалитети го направија совршен трагач. Од напуштено куче, тој стигна да спаси над 100 коали“, вели Џози Шарад од Меѓународниот фонд за заштита на животни.

УСЦ користи дрон кој со термална камера ги лоцира коалите на дрвјата, по што Бер ги пронаоѓа со своето чувство за мирис.