МАКЕДОНИЈА ДО МАРТ ГИ ОЧЕКУВА ПРВИТЕ ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19, „ФАЈЗЕР“ И „МОДЕРНА“ ПОБАРАА ОДОБРУВАЊЕ ОД ЕУ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонија очекува во првите три месеци од новата година да ги добие првите вакцини против ковид-19, изјави претседателката на Комисијата за имунизација, Александра Грозданова, додека европските регулатори го почнаа процесот на анализирање и одобрување на можни вакцини.

Според Ковакс договорот, Македонија треба да добие 833.000 дози од вакцината, со што ќе се покријат 20% од населението, имајќи предвид дека секој мора да прими по две дози. Според Грозданова, во овие 20% првенствено влегуваат здравствените работници, хронично болните и старите лица.

„Потоа се планира набавка на дополнителни количини вакцини и за останатата популација“, вели Грозданова, додавајќи дека првата тура вакцини нема да дојде одеднаш.

Засега не е познато чија вакцина ќе добие Македонија. Во најнапредна фаза е вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“, кои денеска аплицираа за нејзино одобрување во Европската агенција за лекови, надевајќи се дека примената ќе почне на крајот на годината. Во завршната фаза од тестирањето таа покажала 95-процентна заштита од ковид-19.

„Штом добиеме одобрување, ние сме подготвени веднаш да почнеме со испораките секаде каде што вакцините се потребни“, изјави извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла.

Другиот сериозен кандидат „Модерна“ вчера соопшти дека побарал итно одобрување на својата вакцина во САД и Европа, но според Европската агенција за лекови, тоа би можело да се случи најрано на 12 јануари.