МАКЕДОНИЈА ГИ ДОБИВА ПРВИТЕ ВАКЦИНИ ПРОТИВ КОВИД-19 ОД СРБИЈА, КОЈА НА ЕВРОПА Ѝ ОДРЖА ЛЕКЦИЈА КАКО СЕ СПРОВЕДУВА ИМУНИЗАЦИЈА

Белград, (Би-Би-Си)

Македонија утре треба да ги добие првите вакцини против ковид-19, најави Владата, и тоа од земјата која на Европа ѝ одржа лекција како се спроведува имунизација. Србија ќе ѝ подари на Македонија 8.000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“, откако се промовираше во еден од светските лидери во имунизацијата против ковид-19.

Додека земјите од Западен Балкан чекаа(т) вакцини од ЕУ и Ковакс иницијативата, Србија се снабдуваше од сите достапни извори. Премиерката Ана Брнабиќ беше првиот европски лидер кој се вакцинираше со „Фајзер“, министерот за одбрана ја прими руската вакцина „спутник“, а министерот за здравство ја доби вакцината на кинеската компанија „Синофарм“.

„Нам не ни е важно дали вакцините доаѓаат од ЕУ, САД или Кина сѐ додека се безбедни и можеме да ги добиеме најбро што може. За нас, вакцинирањето не е геополитичко, туку здравствено прашање“, кажа Брнабиќ, признавајќи дека добрите односи на Белград со Кина и Русија секако беа од помош.

До средина на месецов, Србија очекува да вакцинира најмалку една десетина од населението, а имунизацијата ја спроведува со двојно побрзо темпо од Германија, Шпанија и Италија и четири пати побрзо од Холандија.

Според податоците од 9 февруари, Србија е на петтото место на светот според брзината на имунизацијата, со осум вакцинирани на 100 жители. Убедлив лидер е Израел со 65,8 вакцинирани на 100 жители, па следуваат Обединети Арапски Емирати (44,6), Велика Британија (19,2) и САД (12,8). Просекот во Европска Унија е 3,9 вакцинирани на 100 жители.