Новата книга на новинарката и филмска критичарка Марина Костова, „Јазикот е чудна ѕверка“, ќе биде промовирана вечерва од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Промоцијата ќе биде во вид на разговор помеѓу културологот Дарин Ангеловски и авторката.
Во издание на „Или-Или“, „Јазикот е чудна ѕверка“ е хибридна збирка на куси лични истории, рецензии и есеи, конципирана како флуиден текст. Иако преоѓа од еден во друг жанр, заеднички именител е пишувањето како алатка за уживање во зборот, односно јазикот.
„Кога ги ставив сите зборови на куп, сфатив дека мојата љубов кон пишувањето и кон зборот е она што ги поврзува овие различни текстови: прозни цртички, сеќавања, есеи, рецензии, интервјуа, теоретски размислувања, афоризми, поезија. Меракот за текст е она што ги спојува различните делови во збирката“, вели Костова.
Дизајнот на корицата е на германскиот уметник Ангел Паневски, а поговорот е на Милчо Манчевски.
Марина Костова е заменичка-главен уредник и членка на основачкиот состав на дигиталната редакција „Сакам да кажам“. Авторка е на монографијата „Манчевски“ и на книгата „Дожд, светот за Пред дождот на Милчо Манчевски“, кои како македонски артефакти се достапни во над 120 национални и универзитетски библиотеки во светот. Претседателка е на Националната секција на Меѓународната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ.