ТРПЧЕСКИ ГО НАПОЛНИ ШТИПСКИОТ ПЛОШТАД ЗА ИЗВЕДБАТА НА „МАКЕДОНИСИМО“

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Одамна плоштадот Слобода во Штип не бил толку полн со луѓе како синоќа за концертот на македонскиот виртуоз Симон Трпчески и неговите колеги од проектот „Македонисимо“. Пред почетокот на концертот, Трпчески ни изјави дека „Македонисимо“ нема рок на траење, туку е вечен.

Тој нагласи дека го посветува концертот на двајца членови на оркестарот кои имаат штипско потекло: Абди и Хидан Мамудов, кои долги години настапуваат низ светот.

Двочасовниот концерт беше исполнет со специјално преработени композиции од македонскиот народен мелос, со призвук на класичните звуци, што Трпчески маестрално ги вкомпонирал во ритмови кои ја разиграа публиката.

Како што кажа, тој и „Македонисимо“ дојдоа во Штип по концертот во Марибор, а вечерва ќе настапат во Битола.

Бесплатниот концерт во Штип, како и досегашните во Скопје и струшкото село Збажди, беа во организација на здружението за култура и уметност „КулторОп“.

Т. ЈОВАНОВСКИ