МАРКЕТИНГ АГЕНЦИЈАТА „ЊУ МОМЕНТ“ ПРОСЛАВИ 30 ГОДИНИ РАБОТА И СЕ ПРИСЕТИ НА ДЕЛ ОД 7.500 РЕАЛИЗИРАНИ КАМПАЊИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Маркетинг агенцијата „Њу момент“ од Скопје одбележа три децении работа, период за кој освои повеќе од 110 меѓународни награди, подготви и реализираше над 7.500 кампањи и соработуваше со 600 клиенти. Поставувајќи ги темелите на домашниот адвертајзинг, тимот предводен од Сашо Пешев веќе 30 години ја поддржува и унапредува македонската креативност на најразлични начини.

Приказната на ‘Њу момент‘ е инспиративна затоа што докажува дека креативноста не опстојува само во големите земји и на нивните пазари, туку се раѓа, се развива и остварува врвни резултати и во мали региони како нашиот, не само балканскиот, туку и македонскиот. Соработката и пријателството со Драган Сакан, кој стои зад идејата на нашата, сега голема агенција, се засноваше токму на вербата во квалитетите на нашите луѓе, но и на искуствата наталожени на овие простори. Таа верба ни овозможи да креираме идеи и решенија кои можат да стојат рамо до рамо со светските“, вели Пешев, генералниот директор на „Њу момент Скопје“ и партнер во агенцијата која има канцеларии и во Србија, Словенија, Бугарија, Хрватска, Албанија и Косово.

Триесетгодишнината беше одбележана со мултимедијален настан на кој гостите имаа можност да се потсетат на дел од кампањите, креативните решенија и наградите на „Њу момент“. Дел од програмата беа и бендот на Здружението на џез-музичари, Влатко Стефановски, трубачите предводени од Кинг Наат Велиов и диџејот Драган Б. Костиќ, а сликарски перформанс изведе уметницата од Белград, Мина Давидовац.

Меѓу големиот број награди на „Њу момент“ се и двата лава од Интернационалниот фестивал на креативноста во Кан.