В петок (26 април) вечер е нова премиера во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, втора за една седмица. „Мац, мац” е во режија и кореографија на Филип Петковски и копродукција на „Пресврт“, Велешки театар и германскиот „Гете“.
„Инспирирана од ‘Мачка на вжештен лимен покрив‘ на Тенеси Вилијамс, претставата го користи главното дејство на оваа драма само како појдовна точка и се стреми дополнително да ги развие приказните, ликовите и скриените пораки кои авторот само накусо ги споменува во своето дело. Во текстот на Вилијамс, Меги ‘мачката‘ му се заканува на својот сопруг Брик дека ќе скокне од покривот доколку тој продолжи да ја игнорира нејзината љубов. Во ова видување, на Меги ѝ се придружува целата фамилија на жешкиот лимен покрив и тие свесно решаваат да се изгорат, бидејќи ако скокнат од покривот, ќе паднат меѓу ‘обичните‘ луѓе, од кои, всушност, се плашат“, кажа Сашо Димоски, директорот на Велешки театар.
Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години.
Во претставата настапуваат Ведран Чешарек, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева. Музиката е на Мориц Вернер (Германија), сценографијата на Дардан Жегрова (Косово) и Филип Петковски, костимографијата на Антонија Гугинска-Јорданоска и Гордана Божиновска, а светлосниот дизајн на Милчо Александров.
П. ПЕЧКОВ