Децата болни од рак кои се лекуваат на Онкологија на Детската клиника вчера добија 16 таблети и исто толку мемориски картички за да си ја следат наставата од болнички кревет. Донацијата е од кариерниот центар на скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, кој парите ги собрал од нивната манифестација Корчагинска просветилка.
Овој настан традиционално го организираат секоја година матурантите од училиштето, а на него учениците им искажуваат благодарност на своите професори или како тие ги нарекуваат, просветители. На најкреативните професори им доделуваат признанија. Вообичаено, манифестацијата се одржуваше во Македонска филхармонија, со повеќе од 1.000 гости. За годинава билетите се продале, но поради пандемијата, Просветилка се одржа онлајн. Со тие средства децата ги купиле таблетите за Детска онкологија.
Кариерниот центар на Корчагин продолжува со хуманитарни акции за собирање донации и повикува на поголема масовност во солидарни дела од училишта, институции и граѓани.
С. К. ДЕЛЕВСКА