Мекензи Скот, американската милијардерка и хуманитарка и бивша сопруга на Џеф Безос, ја предводи годинашната листа на најмоќни жени на светот, што ја составува „Форбс“. Таа се најде пред потпретседателката на САД Камала Харис и Кристин Лагард, која се наоѓа на чело на Европската централна банка.
До пред две години, малкумина го знаеја името на Скот, иако таа му помогнала на Безос да го лансира „Амазон“ во 1990-ите. Во 2019, тие се разведоа по 25 години брак и Скот доби четвртина од акциите на „Амазон“, што ја направи една од најбогатите жени на светот. Таа веднаш вети дека ќе донира најмалку половина од парите.
Скот, чие богатство се проценува на 57 милијарди долари, досега дала 8,6 милијарди на 780 организации кои се борат за родова еднаквост, расна правда, јавно здравје и други цели. Тоа го направила без канцеларија, поштенска адреса и вработен персонал.
Место тоа, таа работи со сопругот Ден, истражувачи и советници од непрофитна консултантска фирма и нема надредени и борд на директори. И додека нејзиниот бивш сопруг лета во вселената, Скот го користи своето огромно богатство и за да го преиспитува начинот на кој се акумулираат богатство и моќ во САД.
Скот го презема статусот од Ангела Меркел, која беше најмоќната жена на светот 15 пати во последните 17 години, колку што „Форбс“ ја прави листата.