Виолинистот, професор и диригент Ерхан Шукри сношти одржа славенички хуманитарен концерт во Националната опера и балет наречен „Првите мои 20 во 30“. Тој прослави 30 години уметничка и педагошка дејност и 20 години од постоењето на Гудачкиот камерен оркестар „Арко“. Парите од продадените влезници ќе ги донира за децата со дијабетес.
„Одамна сакав да направам хуманитарен концерт за деца, но не бев одлучен каде би ги наменил средствата. Кога видов дека децата со дијабетес долго чекаат сензори, ми падна многу жал, ми се насолзија очите и така се одлучив овој конецрт да биде за нив. Сѐ уште не знам колку билети се продадени и не знам со колку средства точно располагаме. Знам дека сензорите се многу скапи, но ќе набавам барем глукомери и ленти за мерење шеќер, во координација со Сојузот на здруженија на дијабетичари“, ни изјави музичарот по концертот.
Шукри вели оти знае дека не може да го смени светот, ниту тој и неговите соработници да сменат многу во државата. Но, како што вели, секој мал чекор може да биде значаен. Професорот по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ има искуство со оваа болест, не лично, туку со неговата мајка, која е дијабетичар.
„Знам со што се соочуваат дијабетичарите, бидејќи нашата мајка е дијабетичар, долги години прима инсулин. Но, првенствено, децата ми беа инспирација“, кажа Шукри.
Првиот дел од концертот, по кој доби големи аплауз и овации, Шукри го посвети на класичната музика. Во вториот дел се свиреше повеќе популарна музика. Музичарот вели дека по концертот слушнал коментари во кои го споредувале со виолинистот Андре Риу токму поради популарните композиции, но додава дека му е важно да ѝ биде пријатно и забавно на публиката, но и да го запази уметничкиот дел од неговата работа.
Радосен е што со него на сцената беа неговата сестра, харфистката Мерсиха Шукри и татко му Рамадан Шукри, основачот на мандолинскиот оркестар. Овие делови на концертот беа најемотивни и највпечатливи. Мајката на Мерсиха и Ерхан го следеше семејството од публика и се расплака кога тие настапија заедно.
„Се радувам што свирев со мојот професор по виолина Михајло Куфојанакис, а со нас на сцената беше и неговиот син Момчило, кој ми беше ученик. Драго ми е што успеавме во целта овој концерт да биде разнолик и интернационален и да има хумана цел“, ни кажа Шукри.
На концертот беа изведени класични дела и оперски арии од Бах, Верди и Дворжак, како и филмска музика, фламенко, рок, латино, преку ориент до македонски фолклор на крајот.
Гостуваа баритонот Џемиљ Реџепи од Италија, сопранот Ивана Здравкова од Австрија, Лазар Сандев на мандолина, вокалистката Добрила Грашеска, актерот Никола Ристановски, мандолинскиот оркестар „Скопје“ и детскиот хор „Св. Кирил и Методиј“ од Велес. Рамадан Шукри се појави како специјално изненадување, диригирајќи со мандолинскиот орекстар во „Суита Рустикана“.
М. ЏАРОВСКА