МИЛИЈАРДА ДЕЦА И МЛАДИ СЕДАТ ДОМА ОТКАКО КОРОНАВИРУСОТ ГИ ЗАТВОРИ УЧИЛИШТАТА ВО НАД 100 ДРЖАВИ

Њујорк, (Гардијан)

Пандемијата на коронавирусот го запре образовниот систем во повеќе од 100 држави, од што се погодени над една милијарда деца и млади низ цел свет, објави УНЕСКО. Меѓу нив е и Македонија, која ги затвори градинките, училиштата и универзитетите уште на 10 март, додека Велика Британија ќе го направи тоа дури утре.

Според Обединетите нации, 102 држави ги затворија образовните институции на национално ниво, а уште 11 земји во одредени региони.

Колку за споредба, пред појавата на коронавирусот, 258 милиони деца и млади биле спречени да посетуваат настава поради воен конфликт, природна катастрофа, сиромаштија или некој облик на дискриминација.

„Глобалното ниво и брзината со која сега се случува нарушување на образовниот процес се нешто невидено досега и ако продолжи, тоа ќе биде закана за правото на образование“, изјави генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле.

По држави, најмногу деца не одат на училиште во Кина – 233 милиони, па следуваат Индонезија (60,2), Пакистан (44,9), Бангладеш (36,7), Мексико (33), Етиопија (23,9)… Делумно затворање училишта моментално има во САД, Русија, Индија, Бразил, Филипини, Канада…

Образовниот процес во Македонија прво беше прекинат на две недели, но сегашната ситуација ќе продолжи, бидејќи вчера беше прогласена вонредна состојба на 30 дена.