МОДНА РЕВИЈА ВО МКЦ ЗА СОБИРАЊЕ ТОПЛА ОБЛЕКА, ВЛЕЗНИЦА СЕ КОРИСТЕНИ ЗИМСКИ АЛИШТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе има модна ревија на креации на 15 македонски модни дизајнери, која е дел од акцијата „Сите стоплени во зима“.

Целта на акцијата, реализирана од иницијативата „Мрдни со прст“, е да се собере користена зимска облека за луѓето на кои им е најпотребна.

„Стотици парчиња топла зимска облека беа собрани во текот на декември и јануари, за да им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна. Дел од облеката беше редизајнирана од страна на 15 водечки македонски дизајнери кои доброволно се вклучија во акцијата – Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски-Индог, Јана Манева-Чупевска, Силвија Михајловска ‘Алшар“, Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија М. Ставрова, Ирина Тошева и Иван Петрушевски-Флим, Јована Филиповиќ и Јана Ацевска ‘Капка’, и таа во нивните раце доби сосема нов лик“, велат од граѓанската платформа „Мрдни со прст“.

Модели на ревијата ќе бидат познати јавни личности, а влезницата ќе биде донирана зимска облека.

Организациите „Љубезност“ и „СОС Детско Село“ ќе ја подарат облеката на граѓаните од ранливите категории.