Норвешки фотограф успеа да сними редок, целосно бел ирвас додека пешачел со пријатели. Тој ги сподели фотографиите на Инстаграм, кои оттогаш имаат добиено повеќе од 20.000 лајкови.
Мадс Нордсвен, 24-годишник од Осло, изјави дека фотографиите се направени во северниот дел на Норвешка, додавајќи дека животното, поради своето бело крзно, целосно се претопило во снежната околина.
„Тој исчезна во снегот“, напиша Нордсвен под една од фотографиите.
Белите ирваси се сметаат за исклучително ретки и за последен пат еден бил виден во северна Шведска во 2016 година. Нивната необична појава не се должи на албинизам, туку е предизвикана од генетска состојба која им го отстранува пигментот од крзното. Според скандинавскиот фолклор, да се види бел ирвас е знак на среќа.
„Тој дојде многу блиску до мене и буквално се погледнавме во очи. Стана многу мирен кога виде дека немам лоши намери. Се однесуваше како да ми позира за сликање, како мал истражувач. Ова беше магичен момент, како од бајки“, додаде Нордсвен.