Во Ликовниот салон во Велес се отвори изложбата на дела „Марини“ на авторот Ацо Таневски од Скопје. Тој пред велешката јавност се претставува со 30-тина дела, пејзажи масло на платно, изработени од 2002 до 2012.
„На моите дела се прикажани марини, од морето, езерото. Тоа беше моја преокупација 15-тина години. Делата се продукт на мојата филозофија дека човекот е напасник на планетата и природата. Ја уништуваме природата, околината, а со тоа и морските површини. Затоа на моите дела отсуствува човекот, туку е дадена самата природа, која е недопрена“ , кажа Таневски.
„Живеејќи во време на глобално загадување на животната средина и драстично намалување на чистите еко-системи за преживување на животинските и растителни видови, егзотично изгледа сликан пејзаж и необично звучи класичен ликовен пристап и приказ на недопрена природа. Водата како извор на праживот во различна форма, морски брегови, езера и реки, слатка и солена вода) е главен мотив на сите дела. На сликите е забележливо отсуството на човекот, и предмети направени од човечка рака“, рече промоторката Елица Николова, историчарка на уметноста при Народен музеј Велес.
Таневски има завршено Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности во Скопје, педагошки отсек со сликарство, вработен како едукатор во Национална галерија на Македонија. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност.
П. ПЕЧКОВ