НА 28 ДЕКЕМВРИ ПРОЕКЦИЈА НА АРХИВСКИTE МАТЕРИЈАЛИ КОИ КИНОТЕКАТА ГИ ДОБИЛА ГОДИНАВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Проекција на филмски материјали кои Кинотеката ги примила оваа година ќе се одржи на 28 декември од 20 часот.
Кинотеката годинава соработуваше со Филмскиот музеј „Ај“ од Амстердам, Кинотеката на францускиот регион Савоја, компанијата „Филмске новости“ од Белград, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и со повеќе приватни лица.

Повеќето од филмовите се црно-бели, без тон и се настанати во периодот од 1912 до 1952 година. Оние што се без тон ќе бидат придружени од „Лепи Џони“ на гитара и електрично пијано.

Ќе се прикажат „Балканска војна“, „Од Листервелд до Охридското Езеро – увид во народниот живот во Јужна Србија“, „Пулсот на Југославија“, „Кралството Југославија“ и 32 црно-бели едноминутни репортажи на „Филмске новости“, снимени меѓу 1948 и 1953, кои ја отсликуваат атмосферата на животот во повоената Народна Република Македонија.

Како што вели Атанас Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката, во последниот сегмент од проекцијата ќе бидат прикажани стотина афиши, претежно од советски филмови, но и од американски и југословенски филмови од 1950-тите, испишани на македонски јазик.