НА 6 МАРТ ПРОМОЦИЈА НА МОНОГРАФИЈА ЗА УНИВЕРЗАЛНА САЛА ОД ВЕСНА ДАМЧЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 6 март, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе има промоција на монографијата за Универзална сала, „Скопскиот симбол на хуманоста“ од Весна Дамчевска.

Книгата излегува по повод 60 години од зачетокот на благородната идеја да се изгради сала или културен простор што ќе има универзално значење и функција.

„Со издавањето на оваа книга, многубројните архивски материјали расфрлани по депоа и усните сеќавања на скопјани се материјализираат во трајно сведоштво за овој објект и институција од особено значење за културниот идентитет на градот. Оваа монографија собира на едно место дел од информациите, податоците, архивските материјали и сведоштвата преку текстови, фотографии, интервјуа, одгласи во медиумите… Книгата, покрај историјатот на институцијата, ги опфаќа и многубројните настани што се одржувале во овој простор, вкупно повеќе од 5.000, кои ги проследиле над 5.800.000 посетители“, вели Дамчевска.

Книгата е издание на Универзална сала Скопје, објавена со поддршка на Град Скопје.