НА ШТИПСКАТА ПРЕМИЕРА НА „ВЛАСТ“ ОД НУШИЌ ШАНСА ЌЕ ДОБИЈАТ И ЧЕТВОРИЦА НЕВРАБОТЕНИ АКТЕРИ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Четворица дипломирани, а невработени актери ќе играат покрај редовната актерска екипа на Штипскиот театар на вечерашната премиера на претставата „Власт“ од Бранислав Нушиќ.

„Со аудициите што ги спроведуваме во текот на оваа година се дава можност на невработени дипломирани актери да бидат дел од актерската екипа. Овојпат, им даваме шанса на четворица млади актери да стапнат на штиците на Народниот театар во Штип“, вели директорот на НУ „Ацо Шопов“, Горан Трајков.

Ова е третата премиера на Штипскиот театар оваа година, а ќе се изведе од 20 часот. Репризите се на 20 и 28 јуни.

„‘Власт‘ е последното, недовршено дело на Нушиќ, но затоа ние сме тука да го доведеме до крај ова мошне интересно дело, кое е актуелно во секое време и под која било власт“, вели режисерот Ѓорѓи Ризески.

Т. ЈОВАНОВСКИ