НА ТЕМАТА „ВИСТИНА, ЛАГИ И ЛАЈКОВИ“ СТАРТУВА 2. ИСТРАЖУВАЧКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска до сабота, во Кино Култура ќе се одржува второто издание на Истражувачкиот филмски фестивал Скопје. Годинава главна тема е „Вистина, лаги и лајкови“, а ќе гостуваат врвни новинари истражувачи од „БазФид њуз“, „Гугл њуз лаб“, „Ла Република“ и „Велт“.

„Ако порано лагата шеташе половина свет, додека вистината уште ги облекуваше чевлите, денес технологијата ѝ дава инстант билет на лагата до секоја точка на Земјата, додека вистината уште се бори да игра по старите правила во новата дигитална ера. Заедно со низа позитивни аспекти и можности, онлајн сферата донесе и феномени како лажни вести, отворено поле за политичка пропаганда, манипулации, спинови и уште полесно наметнување на разни агенди од центрите на моќ. Борбата за јавниот интерес и потрагата по вистината како главна мисија на новинарството стануваат сѐ потешки“, вели организаторот, Платформата за истражувачко новинарство и анализи, чиј партнер е ФЕС-Скопје.

Влезот за сите настани е бесплатен, а програмата е достапна на www.pina.mk и www.iffs.mk.

По официјалното отворање вечерва во 19.30 часот, за 20 часот е најавен разговорот со Џон Литвиненко од „БазФид њуз“, а од 21 часот ќе се прикаже британскиот документарец „Во Фејсбук: тајните на социјалната мрежа“.