НАД 70.000 ЛУЃЕ ВЕЌЕ ЗАЗДРАВИЛЕ ОД КОРОНАВИРУСОТ, НО СТРАВОТ НЕ ПОПУШТА

Лондон, (АП/Гардијан)

Среде сиот страв, карантини и трупање залихи храна и тоалетна хартија многу лесно се занемарува фактот дека над 70.000 луѓе досега заздравиле од коронавирусот, кој веќе се прошири низ цел свет.

КОВИД-19 може да предизвика различни степени на болест и особено е проблематичен и ризичен за стари луѓе и оние кои веќе имаат сериозни здравствени проблеми, но кај мнозинството заразени тој создава само благи симптоми, како кашлица и треска и најголемиот дел пациенти целосно заздравува.

Според Светската здравствена организација, оние со умерени симптоми заздравуваат за околу две недели, а на посериозно заболените им требаат околу шест недели. Во Кина, каде што коронавирусот прво се рашири, имаше речиси 81.000 заразени и повеќе од 62.000 веќе заздравиле.

„Заразените со КОВИД-19 можат да се поделат во четири категории. Во првата се оние кои се носители на вирусот, но не покажуваат симптоми, а најсериозните случаи се оние кои вклучуваат пневмонија. Најголемата група ја сочинуваат оние кои развиваат симптоми налик на обичен грип поради кои и онака не би оделе на работа. Од тестираните во Вухан, само 6% биле сериозно болни“, вели професорот Џон Вилсон од Кралскиот медицински колеџ на Австралоазија.

Според него, има докази дека пневмонијата предизвикана од КОВИД-19 може да биде особено сериозна, бидејќи ги погодува белите дробови во целост, а не само некои делови.

Од појавата на коронавирусот, низ светот се заразиле 135.000 луѓе, а речиси 5.000 починале.