НАДА ПРЉА СО ИЗЛОЖБАТА ВО МСУ ЌЕ ГИ ПРЕНЕСЕ ПОСЕТИТЕЛИТЕ ВО 3030 ГОДИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„АдаН во градот на огнот“ е насловена изложбата на македонската уметница Нада Прља, која ќе се отвори вечерва во 20 часот во Музејот на современа уметност (МСУ). Инсталацијата вклучува стрип, скулптура, цртежи, графити и дела позајмени од колекцијата на МСУ.

Под влијание на глобалната криза, што подразбира дека можен крај не е само имагинарен, Прља на изложбата поставува редица прашања за состојбите во светот денес, но и прашања што се однесуваат на тоа што значи да се биде уметник.

„Со оваа изложба ги пренесувам посетителите во замислената 3030 година, кога нашата цивилизација веќе не постои и настанала нова, која нема информации за нас. Користам алегорија со желба нашиот поредок да биде преиспитан од една неутрална точка. Новата цивилизација откопува збирка на уметнички дела, создадени и собрани од АдаН (мој псевдоним Нада-Адан), пред неговата цивилизација да исчезне засекогаш на 20 февруари 2020. АдаН е суперхерој кој ја презема улогата на заштитник на нашето културно наследство. Во збирката може да се најде селекција на мои дела, создадени меѓу 2007 и 2019, но модифицирани“, вели Прља.