НАГРАДАТА „ПРОЗАРТ“ ЗА СЛОВЕНЕЧКИОТ ПИСАТЕЛ ДРАГО ЈАНЧАР

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Словенечкиот писател Драго Јанчар е годинашниот добитник на наградата „Прозарт“ на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан. Фестивалот, кој ќе се одржи од 17 до 19 септември, по 11. пат ја доделува наградата за авторски придонес кон книжевноста на Балканот.

„Станува збор за автор со изострен нерв за современо раскажување и со писателска моќ да слика оригинални страници во словенечката и балканската проза. Неговите дела се наметнуваат со силен потенцијал во разоткривањето нови стратегии и можности на прозното писмо“, стои во образложението на жирито во состав Ермис Лафазановски (претседател), Александар Прокопиев и Дејан Трајкоски (членови).

Освен Јанчар, гости на 11. издание на фестивалот ќе бидат Владимир Левчев од Бугарија, Тарик Туфан од Турција, Даница Вукиќевиќ од Србија, Ренато Баретиќ од Хрватска, Слободан Шијан од Србија и Снежана Младеновска-Анѓелков од Македонија.