Најретката птица на светот, вид патка наречен мадагаскарски кожувар, доби нов дом, откако меѓународен тим конзерватори ослободи 21 примерок во езеро во северниот дел на Мадагаскар.
Ова е важен чекор во обидите да се спаси видот за кој пред десет години се мислеше дека е исчезнат, како последица на уништувањето на неговите природни живеалишта. Откако не беше виден 15 години, се веруваше дека мадагаскарски кожувар е целосно исчезнат, пред мала група на птици да биде откриена на едно зафрлено езеро во 2006 година. Тоа биле последните 25 кожувари на планетата.
„Тие се обидувале да преживеат на место што природно не им одговарало. Нивното принудно засолниште беше предлабоко и престудено за да можат тука да се размножуваат“, вели Роб Шо, шефот на конзерваторските програми во организацијата „Вајлдфоул енд ветлендс траст“.
Така почнале десетгодишните напори да се спаси видот. Со дозвола од владата на Мадагаскар, биле собрани јајца од кожувари за да бидат одгледани на посебна фарма. Како најдобро место за нивно ново живеалиште беше избрано езерото Софија.
„Се подготвувавме за овој момент цела деценија. Во соработка со локалната заедница, ќе му дадеме нова шанса на овој вид да преживее“, додаде Шо.