НАСА ДЕНЕСКА ИСПРАЌА НОВА МИСИЈА НА МАРС КОЈА ЌЕ ПРОУЧУВА МАРСОТРЕСИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Американската вселенска агенција викендов ќе лансира своја нова мисија на Марс.

„Инсајт“ ќе биде прва мисија што ќе ја проучува исклучиво внатрешноста на „црвената планета“, при што овој статички приземјувач ќе постави сеизмометри на површината, за да регистрира таканаречени марсотреси.

Тие тресења треба да покажат како се наредени подземните карпи, со цел податоците да се споредат со оние од Земјата, за да се добие појасна слика за формирањето на планетите пред 4,6 милијарди години.

„Инсајт“ ќе биде лансиран денеска од воздушната база Ванденберг во Калифорнија, но точното време ќе зависи од временските услови. Се очекува тој да слета на Марс во ноември.

НАСА за последен пат испрати сеизмометри на Марс во 70-ите години, но тие не успеале да детектираат подземни вибрации, затоа што инструментите не биле поставени на површината на планетата, што сега ќе направи голема разлика. Се проценува дека „Инсајт“ ќе регистрира десетици марсотреси за период од една година и тие веројатно ќе бидат слаби, со магнитуда до три степени според Рихтеровата скала.

„На некој начин, ‘Инсајт‘ е научна временска машина, што ќе ни даде информации за најраните фази од формирањето на Марс пред четири и пол милијарди години“, вели главниот научник на проектот, Брус Банерт.