НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА ПОСТАВИ ОНЛАЈН ИЗЛОЖБА ВО ЧЕСТ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА АУТИЗМОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Во чест на Меѓународниот ден на борбата против аутизмот, што се одбележува на 2 април, Националната галерија на Северна Македонија на својата Фејсбук страница ја постави изложбата „Пссст… Каменот има нешто да Ви каже“.

Националната галерија традиционално спроведува проекти кои се наменети токму на оваа категорија на деца. Во февруари, пред да почне епидемијата од коронавирусот, имаше работилници во Чифте амам, кои беа под менторство на едукаторката Маја Димитрова. Во работилниците учествуваа учениците од ДСУРО „Св. Наум Охридски“, ПОУ „Иднина“ и од здруженијата за деца со посебни потреби „Имаго плус“ и „Дама ел“.

„Досега, секоја година наназад, креациите од работилниците ги претставувавме на изложба, со која официјално го одбележувавме 2 април. Оваа година поради настанатата ситуација кај нас и во светот изложбата ќе биде прикажана виртуелно, во електронска форма, на нашата Фејсбук страница“, вели директорката на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими.