Мухамед Ибрахими е виртуоз на гитара и концерти треба да одржува што почесто. Во понеделникот во камерната сала на Филхармонијата, тој и неговите гости ја воодушевија публиката.
Ибрахими умешно нѐ прошета низ повеќе музички правци: рок, класика, џез, поп со етно елементи, сето ова во 12-те композиции од неговите два албума, кои како од шега ги отсвире.
Му помогнаа гостите: Ратко Даутовски на перкусии, Бобан Мирковски на пијано и исклучително талентираната пејачка Агни Авшар. Гитаристот претходно одржувал и самостојни концерти и самиот може да задржи внимание и да ви се чини дека концертот само што почнал, а тој веќе завршил. Со гостите, беше покомлетен.
„Ви благодариме. Не сме навикнати на олку аплаузи“, рече Авшар по нејзиниот настап со колегите.
По секоја композиција, Ибрахими и колегите добиваа овации еднакви на барање бис, па бисот природно дојде на крајот од концертот.
„И мене не ми се оди дома“, рече Ибрахими на крајот.
Оние кои го гледаа за првпат, коментираа какво чудо е овој музичар, а оние кои знаат каков мајстор е, зборуваа дека ништо помалку не очекувале.
Концертот го организираше „Баги комуникации“.
М. ЏАРОВСКА