НЕМАМЕ ПЛАН-ЕТА Б – МИЛИОНИ ЛУЃЕ ИЗЛЕГОА НА ГЛОБАЛНИОТ ПРОТЕСТ ПРОТИВ КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Лондон, (Би-Би-Си)

Милиони луѓе денеска ќе излезат на улиците низ цел свет за да го поддржат Глобалниот протест против климатски промени. Во текот на денот се најавени повеќе од 4.600 настани во 150 држави, вклучувајќи ја и Македонија и ова се случува само неколку дена пред Самитот за климата на Обединети нации, на кој светските лидери ќе ги презентираат своите планови за намалување на емисијата на штетни гасови.

„Овој протест го гледаме како почеток на нова ера на климатското движење. Сакаме да испратиме порака и да креираме такви енергија и дух што во иднина ќе ни се придружат уште повеќе луѓе“, изјави Кејти Едер, 19-годишната извршна директорка на „The Future Coalition“, мрежа од 40-ина американски младински групи.

Протестите стартуваа во регионот на Азија-Пацифик и имаа голем одзив во Австралија и Нов Зеланд, при што само на улиците на Мелбурн излегоа 100.000 луѓе. Освен во големи држави и градови, демонстранти се собраа и на локации како Соломонови Острови и Кирибати.

Грета Тунберг, 16-годишната шведска активистка чии соло протести пред зградата на шведскиот парламент и го покренаа ова глобално движење на младите, ќе го предводи собирот пред Обединети нации во Њујорк.