НИЕДНА ПОЛИЦИЈА НЕМА ВОЗЕН ПАРК КАКО ДУБАИ, А СЕГА ГО ДОДАДЕ И „ТЕСЛА САЈБЕРТРАК“

Дубаи, (Мотор1)

Ако сте полицаец кој е фан на спортски автомобили, вашето идеално работно место би било Дубаи, најнаселениот град во Обединети Арапски Емирати.

Возниот парк на тамошната полиција опфаќа модели како „порше 918 спајдер“, „форд мустанг“, „астон мартин уан-77“, па дури и „бугати вејрон“ и „ламброгини авентадор“, а најновиот додаток е „тесла сајбертрак“.

Илон Маск минатата недела го претстави својот електричен пикап со радикален, научно-фантастичен изглед, што едни го опишаа како храбар, а други како смешен, а полицијата на Дубаи веќе му ги додаде своите бои.

Генерал-мајорот на полицијата Абдула Калифа ал-Мари потврди дека „сајбертрак“ ќе служи како патролно возило во областите каде што има многу туристи. Оттаму велат дека го уплатиле и депозитот од 100 долари, што за само една недела од промоцијата го направиле 250.000 луѓе.

А, бидејќи „сајбертрак“ ќе почне да се произведува дури во втората половина на 2021, полицијата на Дубаи во меѓувреме ќе купи еден „мерцедес-АМГ ГТ 63 С“.