НИКОЛА РИСТАНОВСКИ ЈА ИСПЕА ПОСЛЕДНАТА ПЕСНА НА ЗАФИР ХАЏИМАНОВ, „КАМЕН“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Актерот Никола Ристановски учествува во песната „Камен“ со музичарот Васил Хаџиманов. Ова е последниот текст кој го напишал легендарниот музичар Зафир Хаџиманов.

Песната во негова чест ја промовираше синот Васил, во пресрет на концертот „Во слава на Зафир Хаџиманов“ кој ќе се одржи в недела во Филхармонијата, а го организира „Авалон“.

Ристановски го пее главниот вокал во песната. Придружни вокали се вокалниот состав „Аса воче“, ќерката на Васил, оперската пејачка Марта Хаџиманов и неговата сопруга Наташа Хаџиманов. И други македонски музичари учествуваа во снимањето на синглот: Ратко Даутовски на перкусии, Виктор Филиповски на тапани и Анѓел Ќосев, кој е тонски снимател на вокалите.

‘Камен’ е последниот текст на мојот татко Зафир Хаџиманов, на кој ја компонирав оваа музика. Големо благодарам на сите кои учествуваа во создвањето на оваа песна“, вели Васил Хаџиманов.

Никола Ристановски ќе биде дел од учесниците на концертот в недела, заедно со Калиопи, Сашо Гигов-Гиш, џез-пејачот од Белград, Виктор Тумбас и режисерот и актер Коле Ангеловски. Од семејството на легендарниот пејач и актер учествуваат Марта и Васил Хаџиманови, а ќе пее тетката на Васил, Бисера Велетанлиќ, сестрата на неговата мајка Сенка Велетанлиќ.

 

Фото: Филмски фестивал Палиќ