НИНО ВЕЛИЧКОВСКИ, „ДНК“ И ДРАГАН МИЈАЛКОВСКИ ЌЕ НАСТАПАТ ВО ОХРИД ЗА НОВА ГОДИНА И НА 1 ЈАНУАРИ

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Нино Величковски, Татијана Стефановска, „ДНК“, групата „Фортуна“ и диџеите Јана Слеј и Багзи ќе настапат во Охрид на новогодишната ноќ.

Новогодишната програма на градскиот плоштад Св. Климент Охридски почнува на 28 декември со „Светот на Биби“. Ден потоа ќе се одигра театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а на 30 декември е детската претстава „Далматинко и Дедо Мраз“. На 31 декември на плоштадот ќе се одржи музичко-театарскиот настан за деца и млади „Новогодишна детска бајка“. Сите настани за деца кои се дел од новогодишната програма ќе започнуваат во 12:30 часот.

На првиот ден од Новата година, точно на пладне, ќе настапат групата „Балкан џем“ и Драган Мијалковски.

Охрид и годинава е новогодишно украсен со светлечки реквизити, а на градскиот плоштад е поставена елка. За новогодишниот базар се поставени типизираните бараки за продажба на греано вино, слатки, топла ракија, храна и сувенири. Од Општината велат дека градот е подготвен за гостите кои Новата година ќе ја дочекаат на охридското крајбрежје. Според најавите, најбројни ќе бидат гостите од соседството, пред сѐ Србија и Бугарија, како и домашни гости.

С. ВРЕНЦОВСКА

Фото: Министерство за култура