НОБ ВЕЧЕРВА СО ПРВ ОПЕРСКО-БАЛЕТСКИ КОНЦЕРТ ПО СЕДУМ МЕСЕЦИ ПАУЗА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националната опера и балет (НОБ) вечерва ќе го одржи првиот настан откако во март се најде меѓу институциите кои беа затворени поради ширењето на коронавирусот. Концертот насловен „Опера и балет под ѕвездите“ е од 21 часот на платото пред НОБ.

Ќе настапат солистите Сандра Митровска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Владимир Саздовски – бас, во придружба на Оркестарот на НОБ и под диригентство на Бисера Чадловска.

Во вториот дел ќе се изведе балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, подготвен во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Станува збор за балет под маски, кој беше изведен на годинашното Охридско лето. Од НОБ соопштија дека влезот ќе биде отворен во 20:30 часот.