„НОЌНА СТРАЖА“ НА РЕМБРАНТ ЌЕ СЕ РЕСТАВРИРА ПРЕД ОЧИТЕ НА ЈАВНОСТА

Амстердам, (Би-Би-Си)

„Ноќна стража“, ремек-делото на Рембрант, ќе остане јавно изложена во рамките на најголемиот реставрациски проект во историјата на „Рајксмузеум“ во Амстердам.

Најголемиот музеј во Амстердам соопшти дека сликата од 1642 година ќе биде складирана во стаклена комора, а целиот процес на реставрација ќе може да се следи и во живо на интернет.

Групниот портрет, што се смета за најамбициозно дело на холандскиот мајстор, е четири метри висок, четири и пол метри широк и тежи 337 килограми.

„‘Ноќна стража‘ е едно од најпознатите уметнички дела на светот. Тоа ни припаѓа на сите. Затоа решивме да ја спроведеме реставрацијата на самото место и сите, без разлика каде се наоѓаат, ќе можат да го следат процесот онлајн“, изјави директорот на музејот, Тако Дибитс.

Се проценува дека реставрацијата, која ќе почне наредниот јули, ќе потрае со години, ќе биде многу скапа и ќе се одвива само под дневна светлина. Од музејот велат дека благодарение на најновите технологии ќе можат да сфатат што се случува со сликата, посочувајќи на кучето, кое со тек на време побелело.