НОВАТА НОБЕЛОВКА ЗА ФИЗИКА НЕ БИЛА ДОВОЛНО ВАЖНА ЗА ВИКИПЕДИЈА

Онтарио, (Гардијан)

Дона Стрикленд оваа недела стана првата жена во последните 55 години која добила Нобелова награда за физика и само трета во историјата, но во тој момент, за неа не можело да се дознае ништо на Википедија, затоа што најпопуларната онлајн енциклопедија сметала дека таа не е доволно важна за да има своја страница.

Тоа се промени неколку часа по објавувањето на големата вест, кога таа наеднаш доби свој профил.

Стрикленд е професорка по физика и астрономија на универзитетот Вотерло во Онтарио, Канада и поранешна претседателка на Оптичкото друштво, но кога еден корисник на Википедија во март се обидел да ѝ направи профил, бил одбиен од модераторот, со објаснување дека „тоа не е доволно таа да се квалификува за Википедија“.

Стрикленд во понеделникот ја подели Нобеловата награда со Артур Ашкин и Жерар Муру за своите откритија на полето на ласерската физика. За разлика од неа, нејзиниот ментор Муру има профил на Википедија уште од 2005 година.

Нобеловиот комитет многу ретко наградува женски научници. За 117 години, од 923-те наградени само 50 беа жени. На Википедија, пак, само 17% нови страници се посветени на жени.