Утревечер (21 декември) во скопското кино Синеплекс, премиерно ќе биде прикажан цртаниот филм „Звуците на Новата година“, кој е дел од популарниот детски проект „Светот на Биби“. Ќе има две проекции, од 18:20 и од 19:20 часот.
Во цртаниот филм, Биби, Боби, снешкото Гого, Дедо Мраз од Заз, роботчето Р1 и мистериозните чувари на Заз се обединуваат за да ја спасат целата музика во универзумот. Режисери се Димитар Аризанов и Јосип Здравковски, гласовите ги позајмуваат актерите Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Никола Ристановски, Сашка Димитровска и Дамјан Цветановски, а музиката е на Ангел Ќосев.
Во Скопје, филмот ќе се прикажува во Синеплекс и Милениум, а ќе игра и во „3Д Кино“ во Битола на 21, 22, 25 и 27 декември, во „Мис Стон“ во Прилеп на 22 декември, како и во Гевгелија (23 декември), Свети Николе (21, 22 и 25 декември), Богданци (25 декември) и Пробиштип (26 декември).
На 21 декември, цртаниот ќе се прикаже во Киноверзум во Штип, Киноверзум во Велес и во Демир Хисар, Кичево и Крушево. „Звуците на Новата година“ ќе игра во Охрид на 29 декември, а во киното „Манаки“ во Битола ќе се прикажува на 22, 23 и 24 декември.
Претстојните два викенда, тимот на „Светот на Биби“ ќе држи бесплатни работилници со детски друштвени игри и научни експерименти од 12 до 16 часот пред Синеплекс.