Њујорк и Сингапур ја презедоа непосакуваната титула на најскапи градови на светот, откако порастот на цените на енергијата двојно ја зголеми стапката на инфлацијата, стои во годишното истражување на Economist Intelligence Unit (ЕИУ).
Минатогодишниот лидер Тел Авив падна на третото место, па следуваат Хонгконг и Лос Анџелес, кои ја делат четвртата позиција.
Поради војната во Украина и сè уште присутните ефекти од пандемијата, ЕИУ вели дека трошоците за живот пораснале за 8,1% во 2022. За да се создаде листата, биле споредени над 400 индивидуални цени на повеќе од 200 производи и услуги во 172 града.
Меѓу десетте најскапи градови на светот уште се Цирих, Женева, Сан Франциско, Париз и Копенхаген.
Ова е првпат Њујорк да ја предводи оваа листа, откако лани беше на шестото место. На дното останаа Триполи и Дамаск.